Пријавување на сите новороденчиња родени во Скопје, во Подрачното одделение Скопје



Почитувани,

Oд 01.01.2018 година сите новороденчиња кои ќе се родат во било кое од петте породилишта во Скопје –ЈЗУ Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство- Скопје, -ЈЗУ Специјална болница по гинекологија и акушерство “Мајка Тереза-Чаир, Скопје”, Клиничката болница „Аџибадем Систина“, -ПЗУ Ре-медика и -Свети Лазар гинеколошко акушерска болница ќе се пријавуваат во Подрачно одделение Скопје–поранешна Комерцијална банка. За пријавување на новороденче потребно е еден од родителите да дојде на шалтерите на Управата за водење на матичните книги-Подрачно одделение Скопје со важечки лични карти од двајцата родители и извод на венчани или родени (од двајцата родители). Пријавувањето на новороденчето е бесплатно.
Нагласуваме дека првиот извод од матичната книга на родени за новороденчето може да биде подигнат од било кое матично подрачје на Управата кое е електронски поврзано. Тоа значи дека може да се подигне изводот во матично подрачје Гази Баба, Ѓорче Петров, Аеродром, Карпош, Чаир, Бутел, Илинден, Петровец, Арачиново,Студеничани, Чучер Сандево, Шуто Оризари и останатите матични подрачја низ Република Македонија. При поднесување на барање за изводот од матичната книга на родените се наплатува 150 денари за изводот.

Оваа новина Управата за водење на матичните книги ја воведува како дел од проектот “Една точка за услуги” со цел да им излезе во пресрет на родителите на новороденчињата за побрзо да се запише фактот на раѓање на новороденчињата и побрзо да се добие првиот извод од матичната книга на родените, односно на овој начин ќе се овозможи изводот да се добие за 5 работни дена.

Кога станува збор за дополнителните запишувања во матичните книги на родени, истите ќе се реализираат како и досега, во матичните книги на родени по последната адреса на живеење на родителите. Ова пред се, се однесува на децата родени во странство и за децата кои се родени во домашни услови за нивно дополнително запишување во матичната евиденција.

Оваа година бројот на родени деца во Клиника за Гинекологија и Акушерство- Скопје е 4700, а во болница по гинекологија и акушерство Мајка Тереза-Чаир 3850. Ако на оваа бројка се додат и приватните болници Систина 1350 новороденчиња, Ре-медика 620 новороденчиња и Свети Лазар 380 новороденчиња, доаѓаме до бројка на ниво на град Скопје дека има 10900 новородени деца за оваа година.

На овој начин, со централизација на протоколот за пријавување на бебињата и определувањето на матичниот број, услугите ќе бидат побрзи и поефикасни.

Управата направи анализи и средби со граѓаните, каде ги увиде проблемите со кои се соочуваат граѓаните и тие побараа од Управата за водење на матичните книги поедноставување на постапката за пријавување на новороденчињата и побрзо издавање на првиот извод од матичната книга на родени. Па така, покрај проектот ,,Добредојде Бебе,, каде мајките на новороденчињата првиот извод го добиваат веќе во породилиштата, оваа наша нова реформа ќе значи чекор напред за оние граѓани кои се навикнати на класичниот начин на пријавување на новороденче и издавање извод од матичната книга на новороденчето.

Во Подрачно одделение Скопје, граѓаните ќе бидат услужени од вработените каде ќе добијат упатства за поднесување на барањето за пријавување на новороденчето, а изводот ќе може да го подигнат во најблиското матично подрачје до местото на нивното живеење.


Macedonian